ПРАВИЛНИК ЗА РАБОТА НА СУД НА ЧЕСТА

Согласно член 30 од Законот за Стопанските комори (“Сл. Весник на Р.М.” бр. 54/02), Управниот одбор на Стопанската Kомора за Туризам на Македонија, врз основа на член 56 од Статутот и Одлуката на Управниот одбор за формирање на Суд на честа бр. 02/04/08 од 16.05.2008 година, на седницата одржана на Собранието на 29.11.2008 година, и Одлуката за измени и дополнувања на Правилникот на Судот на честа на Управниот одбор бр. ___________ од ___________ година го донесе следниот:

П Р А В И Л Н И К
за
работа и организација на
СУДОТ НА ЧЕСТА
при Стопанска Комора за Туиризам на Македонија
(пречистен текст)

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Правилник се уредува надлежноста на Судот на честа при Стопанската Комора за Туризам на Македонија, начинот на избор и составот на Судот на честа и правилата на постапкатa пред Судот на честа.
Судот на честа е независен орган нa Стопанската Комора за Туризам на Македонија (во натамошниот текст: Комората) кој го почитува Кодексот на однесување на Комората, како и останати професионални дострели на Комората и на членовите на Комората поединечно.
Судот на честа во својата работа е должен да се придржува кон Законите, постојните прописи и Статутот на Комората. Седиштето на Судот на честа е во Скопје.
II. СОСТАВ НА СУДОТ НА ЧЕСТА, ИЗБОР, ИЗЗЕМАЊЕ И ПРЕСТАНОК НА ФУНКЦИЈАТА ЧЛЕН НА СУДОТ НА ЧЕСТА
Член 2
Судот на честа има претседател и 6 члена, кои ги избира Собранието на Комората на предлог на Управниот Одбор на Комората, и тоа 6 члена ги избира Собранието на Комората од редот на стручњаци на Комората, научно-стручни работници од Факултетите за Туризам во Република Македонија и други институции кои се занимаваат со проблемите на деловните односи во стопанството и еден член се избира од Организација на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
Членовите на Судот на честа (во натамошниот текст: Суд) се избираат на следниот начин:
  • Право на предлагање на членови на Судот има секој член на Управниот одбор, кој може да предложи најмногу онолку членови колку се избираат во Судот;
  • Секој предложен кандидат треба да се согласи со кандидатурата;
  • Врз основа на изнесените предлози, Управниот одбор изготвува кандидациона листа по азбучен ред;
  • По ова се пристапува кон гласање. Гласањето се одвива на тој начин што секој член на Управниот одбор на изготвено гласачко ливче на кое се предложени и утврдени кандидати има право да заокружи најмногу 6 кандидати. По завршување на гласањето, Управниот одбор го утврдува бројот на добиените гласови за секој кандидат поеднинечно;
  • По извршеното гласање, Управниот одбор ја утврдува ранг листата на кандидатите на Судот од оној кандидат кој добил најголем број гласови од оној кој добил најмалку број гласови;
  • Доколку еден или повеќе кандидати добијат еднаков број гласови и не може да се утврди кој од нив ќе стане член на Судот, тогаш гласањето ќе се повтори на ист начин само за оние кандидати кои имаат еднаков број на гласови;
  • Утврдената ранг листа, Управниот одбор ја доставува до Собранието на Комората за избор на кандидатите; Претседателот на Судот се избира од редот на избраните членови.
Член 3
Мандатот на член на Судот на честа е 4 години со право на уште еден избор.
Член 4
Изземање на член на Судот може да се бара ако постојат околности што би можелe да доведат до оправдано сомневање во неговата непристрасност или независност.
Страната во спорот која има намера да бара изземање на член на Судот во конкретен предмет, должна е во рок од 15 дена од денот кога дознала за околностите од ставот 1 на овој член, да поднесе писмена изјава (барање) до Претседателот на Судот за причините за кои бара изземање.
За барањето за изземање мора да е извести другата страна на спорот, членот чие изземање се бара и другите членови на Судот. Известувањето мора да биде во писмена форма и да ги содржи причините за кои се бара изземање од конкретниот предмет. Ако членот чие изземање се бара, не се повлече или другата страна на спорот не се согласи со изземањето, одлука за изземање ќе донесе Судот на честа.
Доколку барањето за изземање се одбие, страната која барала изземање може во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето за Oдлуката со која барањето за изземање е oдбиено, да поднесе приговор до Управниот одбор на Комората, кој е должен да донесе Oдлука за изземање во рок од 15 дена, против која не е дозволена жалба.
Член 5
Функцијата член на Судот на честа престанува:
  • Ако членот сам се повлече од таа функција
  • Ако членот несовесно ја извршува својата функција
  • Ако членот не ја извршува својата функција во примерен рок.
За престанок на функцијата член на Судот на честа одлучува Управниот одбор со мнозинство гласови од вкупниот број на своите членови.
III. НАДЛЕЖНОСТ НА СУДОТ НА ЧЕСТА
Член 6
Судот на честа одлучува за случаи на повредите на добрите деловни обичаи во работењето, како и за случаи за повредите со кои се нарушуваат принципите на пазарното стопанство.
Судот на честа одлучува и поради повреди на одредби од Статутот на Комората, Кодексот на однесување на Комората и за повредна на други акти на Комората.
Член 7
Како повреда на добрите деловни обичаи се сметаат особено постапките на членовите на Комората со кои, спротивно на добрите деловни обичаи, се нанесува штета на:
  • корисниците на услугите;
  • на деловните партнери;
  • на органите на Република Македонија;
  • на општините односно на градот Скопје.
Член 8 
Судот на честа:
  • Донесува одлуки за суспензија или трајно исклучување на член на Комората во случај кога членот на Комората делува спротивно на интересите на Комората или кога ќе го прекрши Статутот или Кодексот на однесување на СКТМ;
  • Донесува ставови и предлага одредени заклучоци во случај на спор помеѓу членки на Комората, или кога членка на Комората е во спор со органите на Комората;
  • Донесува ставови и заклучоци во случај на приговор на органите на Комората од страна на членка на Комората;
  • Донесува ставови и предлага заклучоци во случаи кога е загрозен професионалниот статус на членка на Комората;
  • Донесува одлуки и решенија по приговор на странка – клиент на членка на Комората која не е задоволна од одлуката или решението на членка на Комората во случај на приговор од реализација на договор.
Член 9
За својата работа Судот на честа поднесува извештај на Собранието.
Извршува и други работи кои можат да му бидат доверени од Собранието или Надзорниот Орган.
IV. ЈАЗИК ВО ПОСТАПКАТА ПРЕД СУДОТ НА ЧЕСТА
Член 10
Постапката пред Судот на честа се води на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
Доставените барања на јазик различен од македонскиот јазик, ќе бидат преведени и заверени од судски преведувач.
Трошоците за превод паѓаат на терет на подносителот на барањето.
V. ОРГАНИЗАЦИЈА И НАЧИН НА РАБОТА
Член 11
Стручните, административно - техничките, финансиските, оперативните, манипулативните и помошните работи на Судот на честа ги остварува и врши Секретар на Судот на честа.
Член 12
Судот на честа одлучува на седница.
Седниците на Судот на честа ги свикува Претседателот на Судот на честа, седниците се свикуваат по потреба.
Одлуките кои ги носи Судот на честа се полноважни ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број членови и одлуката е донесена со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Во случај кога не е можно да се донесе одлука, Судот на честа бара мислење од Надзорниот одбор на Комората, како и од други надлежни органи и институции во Република Македонија.
Приговор на одлуките на Судот на честа се доставуваат до Управниот Одбор на Комората во рок од 8 дена од денот на добивањето на одлуката на Судот на честа.
У.О. на Комората има обврска во рок од 30 дена од добивањето на приговорот да се изјасни за истиот.
VI. ПОКРЕНУВАЊЕ И ТЕК НА ПОСТАПКАТА ПРЕД СУДОТ НА ЧЕСТА
Член 13
удот на честа ја спроведува постапката на начин што го смета за најсоодветен, под услов со страните да се постапува рамноправно и на секоја страна да и биде дадена можност да ги изнесе своите факти, наоди, барања и гледишта.
Член 14
Постапката пред Судот на честа се поведува со поднесување на однапред подготвено Барање.
Барањето мора да ги содржи следниве податоци:
  • Име и адреса/назив и седиште на страните;
  • Предмет на спорот;
  • Факти и наоди врз кои се заснова предметот на спорот;
  • Вредноста на предметот на спорот;
  • Потпис на барателот.
Член 15
По добивање на барањето, Судот на честа ќе ги достави сите списи до противната страна и ќе ја повика во рок од 8 дена да даде одговор односно да се изјасни за барањето и да ги достави своите факти, наоди, исправи и гледишта.
Член 16
По добивање на одговорот од противната страна, Судот на честа ќе ги повика двете страни заради спогодбено решавање на спорот.
Во случај на спогодбено решавање на спорот, Судот на честа ќе донесе Одлука со која постапката се запира.
Доколку страните не успеат да се спогодат, постапката ќе продолжи.
Судот на честа ќе ги испита наводите на двете страни, заради дополнителни информации може да ги задолжи страните да му достават одредени податоци и во рок од 15 дена ќе донесе Одлука со која ќе го реши спорот.
Судот на честа е должен во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на барањето да донесе одлука по предметот на спорот.
VII. МИСЛЕЊА, МЕРКИ И ОДЛУКИ НА СУДОТ НА ЧЕСТА
Член 17
Постапката пред Судот на честа и неговите мислења, мерки и одлуки, не ја исклучуваат редовната судска постапка и другите постапки пред надлежните органи.
Член 18
Секоја членка на Комората, во редовната судска постапка и другите постапки пред надлежните органи може да побара заштита или мислење од Судот на честа, како и од Комората.
Член 19
Судот на честа може да изрече мерки во случај на повреда на деловниот морал и добрите деловни обичаи:
  • Јавна опомена која се објавува на Управниот одбор на Комората;
  • Јавна опомена во објавување во јавни гласила.
Член 20
Судот на честа може да изрече и заштитни мерки и тоа:
  • Изземање од учество во работата на органите на Комората;
  • Изземање од учество на разни саеми, берзи, изложби организирани од страна на Комората;
  • Давање предлог до соодветните надлежни органи за одземање на лиценца за вршење на дејност.
За изречената заштитна мерка Судот на честа ќе ги извести соодветните органи.
Член 21
Против Одлуките (мерките) од член 19 и член 20 на Судот на честа може да се изјави приговор до Управниот Одбор на Комората.
VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 22
Трошковникот (Правилата за трошоците) во постапката пред Судот на честа (награди на членовите, патни трошоци, административни трошоци) го утврдува Управниот одбор на Комората.
Трошоците ги определува Управниот одбор во правичен износ, земајќи ја предвид вредноста на спорот, степенот на сложеност на предметот, времето потребно за решавање на предметот и други околности во врска со спорот.
Трошоците на постапката ги сноси страната која го изгубила предметот.
Член 23
Судот на честа остварува соработка со други судови на честа во другите комори на Република Македонија, со цел размена на искуства, утврдување на заеднички политики и други прашања од делокруг на Судот на честа.
Член 24
Овој Правилник влегува на сила осмиот ден по усвојување на Управниот одбор на Комората. Правилникот за работа се објавува на Web страницата на СКТМ и во Службен Весник на Република Македонија).

Преземете го правилникот на следниот линк