СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА СКТМ 2019-2023

Декември, 2019 година

Вовед

Стопанската Комора за Туризам на Македонија (СКТМ) е формирана на 26 март 2008 година, како самостојна, независна, неполитичка и непрофитна организација.

Мисијата на СKTM е остварување на услови за зголемен раст на бизнисот на стопанствениците-туристички работници, а со тоа и зголемување на работни места во секторот туризам, како и подршка, промоција и развој на туризмот во Македонија како атрактивна и профитабилна индустриска гранка.

1. СТРАТЕГИСКИ ЦЕЛИ НА СКТМ

1. Промоција на туризмот во Република Македонија;
2. Пратење и предлагање на измени во законската регулатива заради подобрување на амбиентот во туризмот во Република Македонија, како и усогласување со ЕУ- стандардите;
3. Развој на Комората и етаблирање како водечка сила на туристичкото стопанство во Република Македонија
4. Поставување на рамка за квалитетни решенија и предлози,
5. Сугестии, мислења и анализа на стратегијата за туризмот во Република Македонија;
6. Градење на ефикасен туристички сектор, јакнење и поврзување на институциите кои се неопходни за развој на туризмот;
7. Јакнење на човечките потенцијали и техничка помош за развој на туризмот;
8. Регулатива за контрола и анализа на лиценци за работа во туризмот;
9. Стимулација и промоција на Јавно Приватно Партнерство (PPP);
10. Активности поврзани со сите видови на туризам;
11. Спроведување и примена на Глобалниот Етички Кодекс во Туризмот од UNWTO
12. Примена на Информатичката технологија во Туризмот.
Стратегија за развој на СКТМ за периодот 2019-2023 година е резултат на анализата на состојбите и на низа активности на Комората, воспоставување на рамка која ги дефинира главните правци на развој, базирани на досегашниот принцип на делување и реализација на Стратешките Цели на Комората.

Овој документ има задача да се консолидираат потенцијалите на членките на Комората за реализација на Програма и изготвување на годишни акциони планови.

Имајќи во предвид дека туризмот има значајна улога во економскиот развој и преку него може да се привлечат нови инвестиции, да се креираат нови работни места и да се промовираат културните вредности и природните богатства на Република Македонија, СКТМ ќе продолжи да поддржува соодветни мерки, политики, конкретни проекти за изградба на модерна туристичка инфраструктура и промоција на Република Македонија кои ги спроведува Владата на РМ, но пред се преку директно учество на Комората, односно членките на СКТМ.

2. СТРАТЕГИСКО ПЛАНИРАЊЕ НА ИДНИОТ РАЗВОЈ НА СКТМ

Основниот концепт на стратегиското планирање, како и кај секоја компанија, така и кај Стопанската комора за туризам на Република Македонија (СКТМ) е содржан во мисијата на компанијата.

Всушност процесот на планирањето на идниот развој на Комората започнува со идентификација на мисијата што СКТМ планира да ја оствари на туристичките пазари, како и со опис на стратегиските патишта кои ќе се следат во иднина и кои се насочени кон постигнување на развојната цел на Комората.

Мисијата на СКТМ е остварување на услови за зголемен раст на бизнисот на стопанствениците - туристички работници, а со тоа и зголемување на работни места во секторот туризам, како и поддршка, промоција и развој на туризмот во Македонија како атрактивна и профитабилна индустриска гранка.

Главните механизми за остварување на мисијата на комората, поточно за спроведување на стратегиските планови, потребно е да се бараат во надградбата на постоечките капацитети, промоција на туризмот во Република Македонија, пратење и предлагање на измени во законската регулатива заради подобрување на амбиентот во туризмот во Република Македонија, како и усогласување со ЕУ - стандардите, поставување на рамка за квалитетни решенија и предлози, сугестии, мислења и анализа на стратегијата за туризмот во Република Македонија, јакнење на човечките потенцијали и техничка помош за развој на туризмот регулатива за контрола и анализа на лиценци за работа во туризмот, стимулација и промоција на Јавно Приватно Партнерство (ЈПП);

Активности поврзани со сите видови на туризам и примена на информатичката технологија во Туризмот. Се ова со цел развој на Комората и етаблирање како водечка сила на туристичкото стопанство во Република Македонија и градење на ефикасен туристички сектор, јакнење и поврзување на институциите кои се неопходни за развој на туризмот;

Тековното работење потребно е да се изведува со примена на најновите know - how технологии, кои ќе се одликуваат со висок степен на флексибилност, за да можат благовремено да се адаптираат на пазарните промени. Составен дел на работењето треба да биде “модел на организациони одговори“, важна управувачка алатка која има за цел да изработи широк спектар на мерки и постапки што би се применувале за решавање на предизвиците кои можат да се јават во текот на работењето.

Тоа се примарните предуслови за креирање на идните квалитетни производи и постигнување на развојната цел на Комората.

Структурата и процесот на стратегиското планирање потребно е да се ориентирани кон:

1. Прецизна идентификација и процена на предностите и заканите кои можат да произлезат од поблиското опкружување.
2. Идентификација и процена на силните и слабите страни на Комората.
3. Идентификација на постоечките и потенцијалните предности на СКТМ во однос на конкуренцијата.
4. Дефинирање на краткорочните и долгорочните цели, како и политиките за конзистентно спроведување на стратегиите за развој.
I КАТЕГОРИИ ОД ПОТЕНЦИЈАЛНИ ЕКСТЕРНИ МОЖНОСТИ - ПЕМ

Категорија: КОРИСНИЦИ

1. Меѓуинституционална соработка
• Бизнис вмрежување со здруженија и правни субјекти
• Користење на просторни планови за развивање на туристички зони и локалитети
• Предлози за поврзување на туристичките дестинации со специјализирани тур оператори
• Соработка со земјите од регионот со цел настап на трети пазари
• Сугестии и предлози од туристичкото стопанство на туристичката понуда на национално и локално ниво

2. Едукација и подигнување на свеста
• Иницирање кампања за туристички безбедносни мерки.
• Оттикнување обуки во општините со цел подигнување на свеста кај локалното население.
• Иницирање кампањи за туристичка култура и етика.

3. Предлагање мерки и насоки за подобрување на туристичката инфраструктура

4. Маркетинг и промоција
• Општа промоција и маркетинг.
• Учество на меѓународни саеми за туризам.
• Креирање и поттикнување теми во медиумите и социјалните мрежи за актуелни состојби, потреби и перспективи.
• Е-промоција.

5. Активно вклучување на Комората и членките на Комората во процесот на градење туристички производ

6. Поттикнување и иницирање законски измени и процедури за корисници, согласно практиката и потребите.

7. Учество на членките преку на Комората, реку предлози, во процесот на креирање стратегии брендирање на РМ на туристичкиот пазар


8. Законски измени за надлежности

Категорија: ПРОЦЕСИ

1. Тимска организација
2. Дигитализација

Категорија: УЧЕЊЕ

1. Едукација

Категорија: ФИНАНСИИ

1. Дополнителни извори на финансирање (спонзорства, донации)

II КАТЕГОРИИ НА ПОТЕНЦИЈАЛНИ ЕКСТЕРНИ ЗАКАНИ - ПЕЗ

1. (Инф.) Инфраструктура и комуникација
2. Туристичка култура
3. Економски ограничувања
4. Спроведување на легислативата
5. (Несоодветна) Регулатива
6. (Слабости во) Едукација
7. Политички огранучувања

III КАТЕГОРИИ ТОЧКИ ЗА ПОТЕНЦИЈАЛНО ПОДОБРУВАЊЕ - ПИП


1. Законски бариери
2. Маркетинг
3. Надзор и контрола
4. Човечки ресурси
5. Информациски односи
6. Организациски недостатоци
7. Самостојни

IV КАТЕГОРИИ ТОЧКИ НА ПОЗИТИВНИ ОРГАНИЗАЦИСКИ ПРАКТИКИ - ПОП

1. Информатички технологии (софтверски решенија и бази на податоци)
2. Брендирање
3. Промоција
4. Работни процеси
5. Човечки ресурси
6. Организација на работни процеси
7. Поддршка и меѓународна институционална соработка
8. Транспарентност во работењето


 

3.СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ 2019 -2023

Раководството на СКТМ согласно коморскиот систем на делување ќе се стреми да ги исполнува потребите на членките на СКТМ, како и на други корисници на услугите на СКТМ кои ќе ја унапредуваат активноста преку:

- Почитување на законите, јавната работа, добрите деловни обичаи и според начелата на деловниот морал;

- Продолжување, развивање и негување на деловното партнерство заради остварување на заедничка корист и за доброто на членовите на Комората;

- Создавање на деловна култура во која сите вработени во секторот туризам, а особено вработените кај членките на СКТМ, ќе се залагаат за постигнување на деловната цел, со што ќе бидат мотивирани и наградени за својот допринос во компанијата;

- Зголемување на ефикасноста и ефективноста на работата на Комората, со постојано анализирање на политиките на СКТМ, со унапредување на ефикасноста на ресурисите и квалитетот на услугите кои ги нуди Комората.

Стратегијата за Развој на СКТМ предвидува неколку паралелни процеси:

1. Финасиска консолидација за период од 1 година
Базирана на новиот предлог на финансирање на Комората со што ќе се овозможи стабилно работење на лицата редовно вработени во Комората

2. Кампања за привлекување на нови членки во СКТМ
Со зголемување на бројот на вработени во Комората и формирање на стручна служба за поддршка на активностите на Комората, како и давање на ефикасна помош на членките преку информации, советување, застапување и лобирање во име на членките, туристичката индустрија во лицето на Комората ќе препознае вистински лидер со што неминовно ќе се зголеми бројот на агенции, превозници, сместувачки капацитети и институции поврзани со туризмот

3. Превземање на јавни овластувања од инститиции на Република Македонија
Со зајакнување на капацитетот на СКТМ и зголемување на бројот на стручни соработници, Комората ќе може да побара од дражавните инститиции одредени јавни овластувања меѓу кои издавање на лиценци за туристички агенции, категоризација на угостителски и сместувачки капацитети и др.

4. Членство во меѓународни асоцијации
Особено важно е членството во релевантни меѓународни асоцијации кои се лидери во светската туристичка индустрија со што Комората директно ќе биде инволвирана во сите новости и актуелности во туризмот на меѓународно ниво. Особено треба да се стремиме кон придружно членство на UNWTO, за што мора да се обезбедат соодветни финансиски средства.
Важноста на оваа Стратегија за СКТМ може да се искаже на следниот начин:
 
- Задржување на достигнатите позиции како комора од која се бара проценка на влијанието на регулативата.
 
- Позиционирање на СКТМ како стручна гранска Комора во туризмот.
 
- Продлабочување на соработката со Локалните самоуправи кои имаат стратегија за туризам.
 
- Воспоставување на обучен центар според сертификација од познати Европски и светски Институти од областа на туризмот.

4.ПОТРЕБА НА ЧЛЕНКИТЕ НА СКТМ ЗА ЈАКНЕЊЕ НА СКТМ

Структурата на членките на СКТМ како големина на компании 99% се микро и мали компании согласно ЕУ класификација според број на вработени. Тие покрај својата основна работа, мораат да се занимаваат и со голем број на административни, финасиски и други работи кои им одземаат многу време и не можат да ги пратат сите законски промени кои дополнително им го оптоваруваат работењето и опстојување на пазарот.

СКТМ ги прати сите случувања во секторот туризам, ги штити интересите на членките на СКТМ, но и на туристичките работници, сака да допринесе за квалитетни законски решенија кои на своите членки им носи заштеди во работењето, како и подобра деловна клима.

5.НАСОКИ ЗА СТРАТЕГИСКО ПЛАНИРАЊЕ НА ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА КОМОРАТА/ИДНИ ЧЕКОРИ

Со цел да се придонесе за реална анализа на моменталната состојба и креирање на идните чекори за развој на активностите на Комората заради подбрување на состојбите во туризмот, направена е анкета, доставен е анкетен прашалник до 73 членки на Комората. Од нив, одговориле 10.

По анализа на добиените одговори може да се извлечат следните заклучоци:

1. Колку сте вклучени како компании во креирањето на туристичкиот производ на државно ниво?, најголем број од анкетираните одговориле дека не се доволно вклучени.

2. Дали сметате дека соработката во делот на креирање на туристичкиот производ треба да се движи на релација: Туристичка агенција/Хотел/Превозник/Образовни Институции - СКТМ - Државни Институции?, сите анкетирани се согласни дека дека релацијата е во ред, но дека треба да постои и повратна спрега.

3. Ваша оцена за соработката меѓу секторите во комората (1-5)?, просечната оценка е 2.9.

4. Дали сметате дека постои интегрирана соработка, бизнис вмрежување помеѓу туристичките субјекти при изработка на еден производ (Туристичка агенција/Хотел/Превозник и сл.)?, голем број од анкетираните се согласни дека соработката е многу слаба.

5. Кој дел од интеграцијата помеѓу субјектите има потреба од итни мерки за подобрување?, сите анкетирани ја нагласуваат потребата од контрола на квалитет на производот, да се обрне внимание на правниот аспект на меѓусебните договори, како и соработка во креирањето, пласманот и промоцијата на македонскиот туристички производ на меѓународниот пазар.

6. Што недостига во делот на потреба од работна сила во дејноста Туризам и Угостителство?, сите анкетирани се согласни дека има потреба од квалификуван кадар.

7. Дали постои потреба за иницирање на кампања за примена на Културно Однесување и Етика на сите нивоа во дејноста?, сите анкетирани се согласни дека постои потреба од кампања.

8. Ваше мислење за дадениот простор во медиумите на позитивни теми кои го третираат туризмот?, сите анкетирани се согласни дека отстапениот простор во медиумите е премал и дека тоа значајно придонесува за слабиот развој на туризмот.

9. Што Ви е потребно за воспоставување меѓународна институционална соработка (Европска Комисија, Светска Банка за развој, UNWTO, RCC)?, сите анкетирани ја истакнуваат потребата од обука и укажување на можностите за соработка, со посебен акцент на Светска Банка за развој и UNWTO.

10. Дополнете сфера на интерес во делот на соработка кој сметате дека не е наведен во горенаведените прашања?, дел од анкетираните ја истакнале потребата од инспекциски надзор, координиран настап во медиумите на сите чинители во туризмот како и регионална соработка со останатите земји од Балканот.

Одговорите на анкетните прашалници ќе ги дефинираат насоките и полињата на идниот фокус на делување на СКТМ.

ЗА КОМОРАТА

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ТАГОВИ